БХХС/BHHS 5/2025
ISSN 2955-2192 (за печатената верзија) (printed version)
ISSN 2955-2206 (за веб верзијата) (online version)
УДК: 821-1:316.723
ПОЕТИКАТА НА СЛЕМ ПОЕЗИЈАТА
Славчо Ковилоски
Апстракт: Во текстот се осврнуваме на слем поезијата, како изведбен начин на презентирање на литературата. Слем поезијата најчесто се изведува на Потери слем натпревари, фестивали и други настани и е производ на урбаноста и на урбаниот начин на живот, а врз неа се чувствува влијанието на хип хоп музиката. Мешавината на слем поезијата со хип-хопот и со други форми на изразување, особено кај помладите, придонесува за менување или подобрување на односот кон поезијата и перформативните уметности. Слем поезијата посочува проблеми и проблематизира одредени веќе постоечки и општо прифатени ставови и состојби, а критички се осврнува и укажува на непосакувани тенденции во општеството. Техниките на создавање слем поезија кои се сметаат за релевантни се однесуваат на структурата, јазикот, афектот и значењето. Функционирањето на слемот се одвива преку јазик кој располага со сопствена терминологија и има своја поетика. Структурно, стиховите можат да бидат со или без рима, организирани во строфи, со или без интерпункциски знаци. Посебно внимание се посветува на мелодиката и ритамот кои умешниот интерпретатор ги користи за акцентирање и за потенцирање на стиховите коишто смета дека се важни за настапот. Со нејзината жива и разиграна интерпретација, ослободена од класичните сфаќања за поезијата како жанр, слем поезијата и Поетри слем манифестациите поттикнуваат нови генерации поети на кои им се овозможува да ги споделат своите ставови пред поширока публика.