Пред нас е шестиот број од меѓународното научно списание Балкански хип-хоп студии во кое се понудени пет студии и три осврти, најмногу во овие три години постоење.
Бројот го отвораме со текстот на Сузи Тенева насловен „Етички димензии во хип-хоп текстовите (лирските сегменти во хип-хопот како извор на етички кодекси)“ во кој авторката се занимава со текстуалниот сегмент на хип-хоп музиката и особено на текстовите со социјална тематика каде што може да се зборува и за етичка димензија. Следува текстот на Дејан Методијески „Преглед на автобиографии на хип-хоп артисти во XXI век – примери од САД и балканските земји“. Авторот прави хронолошка анализа и табеларен преглед на изминатите три декади во кои се публикувани автобиографии на хип-хоп артисти како во САД, така и кај балканските земји.
Текстот на Славчо Ковилоски „Поетиката на уличниот театар“ се занимава со перформативните уметности специфични за урбаните средини. Истражувањето е базирано на личните искуства со уличните перформанси во Њујорк, кои во себе ги содржат спецификите на уличниот тетатар, како што се: импровизациски театар, интерактивен театар, плејбек театар, алтернативен театар, хип-хоп театар и перформативната уметност. Јулијана Папазова и Елени Новаковска во својот заеднички труд насловен како „Значењето на Младинскиот културен центар - МКЦ во креирањето на урбаната култура во Скопје“ прават истражување посветено на анализа на релацијата помеѓу музиката и нејзино промовирање во одредени концертни простори преку селекција на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Анализата се движи во областа на значењето на урбаните места за концерти преку дискусии за идентитетот, наследството и меморијата. Последен во рубриката Текстови е трудот на Александар Ковилоски насловен „Малком Екс и неговото сфаќање на слободата во расистичка Америка“. Во него авторот се задржува на борбата против расната сегрегација и дискриминација во САД во текот на 1960-те години. Во тој период, активистот Малком Екс му пркоси на „системот“ со радикални ставови, будејќи го заспаниот дух на црното население во САД.
За првпат во рубриката Осврти објавуваме три текста. Два од нив се на Александар Тасевски кој се осврнува на промоцијата на Балкански хип-хоп студии со броевите 3 и 4 (2024) и на Гази Баба хип-хоп фест 2024. Третиот осврт е на Славчо Ковилоски кој дава свое мислење за една книга на Ракел З. Ривера посветена на порториканскиот хип-хоп во Њујорк.
Со овој број ја заокружуваме третата година од излегувањето на Балкански хип-хоп студии.
Редакцијата