Веќе сме во третата година на меѓународното научно списание Балкански хип-хоп студии, а петтиот број е пред нас. Со ентузијазмот на редакцијата и со една одбрана група автори и поддржувачи на урбаната култура, списанието продолжува да го трасира својот пат, не секогаш лесно, но сепак, со завидно ниво на позитивна енергија.
На наше големо задоволство, овој пат целиот број на БХХС е посветен на слемот, односно на слем-поезијата. Ваквото претставување на слемот, колку што ни е познато, се случува за првпат во Македонија и на Балканот. Издание целосно посветено на овој современ поетски и перформативен израз на овие простори до скоро се чинеше невозможна, па дури би рекле и фантастична работа. А сепак, еве сме и го нудиме овој број на пошироката читателска публика.
Во овој број донесуваме обраќања на познати светски и европски активисти од областа на слемот, односно на слем-поезијата. Првото обраќање, на наше задоволство е на Едвинг Кануто Ролдан (Edwing Canuto Roldán), поет, слемер, секретар и директор на Светската поетска слем организација (СПСО) (World Poetry Slam Organization односно WPSO). Текстот е посветен на Четвртиот Светски поетски слем шампионат во организација на СПСО, одржан од 30 мај до 1 јуни 2025 во Сиудад Хуарез, Мексико). Следното обраќање е на хип-хоперот Дино Море (Dino More), познат и како Дино Тременс (Dino Tremens) од Хрватска, двократен хрватски шампион во слем поезија (2016 и 2019). Следува текстот од Дамјана Видическа, Македонка која живее и работи во Виена, Австрија и која е силно вклучена во тамошната слем сцена. Во превод на Ели Пујовска ги презентираме советите на Кевин Асме кој дава повеќе совети што ги зголемуваат шансите за успешно искуство на поетски слем натпревар, бидејќи, како што самиот забележува, учеството на слемерот е само делумно во негови раце: се разбира дека текстот и изведбата се битни, но не и одлучувачки. Многу зависи и од други фактори, како што се организацијата, жирито, публиката и атмосферата на вечерта.
Во рубриката Текстови презентираме два стручни труда посветени на слем сцената во Македонија и на поетиката на слемот во авторство на Елена Пренџова и на Славчо Ковилоски. Пренџова се осврнува на фактот дека перформативната слем уметност е нов тип на книжевно-сценска уметност во Македонија, но и дека сепак последнава деценија успешно се развива и постои. Ковилоски, пак, се задржува на општите техники на создавање слем поезија кои се сметаат за релевантни се однесуваат на структурата, јазикот, афектот и значењето. Со него го заокружуваме и овој број, петти по ред, а прв за 2025 година.
Редакцијата