БХХС/BHHS 6/2025
ISSN 2955-2192 (печатена верзија) (printed)
ISSN 2955-2206 (веб верзија) (online)
УДК: 78.067.26.071.1/.2:316.723]:929(73+497)“20“
ПРЕГЛЕД НА АВТОБИОГРАФИИ НА ХИП-ХОП АРТИСТИ ВО XXI ВЕК – ПРИМЕРИ ОД САД И БАЛКАНСКИТЕ ЗЕМЈИ
Дејан Методијески
Апстракт: Автобиографиите претставуваат книжевни дела во кои авторите сами го опишуваат својот живот. Во автобиографската книга, авторот пишува субјективно и опфаќа настани и теми за кои смета дека се од особено значење за читателот. Овие книги стануваат се повеќе популарни во изминатите декади, бидејќи авторот ги споделува своите триумфи, порази и начин на размислување. Целта на овој труд е да се направи преглед на публикувани автобиограски книги од хип-хоп артисти од САД во XXI век, како и преглед на автобиографии на хип-хоп артисти од балканските земји. За потребите на трудот, употребена е методологија на истражување и секундарни извори на податоци преку анализирање на содржината на автобиографската литература поврзана со хип-хоп артисти како и интернетот. Направена е хронолошка анализа и табеларен преглед на изминатите три декади во кои се публикувани автобиографии на хип-хоп артисти како во САД, така и кај балканските земји. Истражувањата за потребите на овој труд, покажуваат дека, во периодот 2000–2025 година, во САД се публикувани 42 автобиографски изданија на хип-хоп артисти. Шест автобиографски изданија се публикувани од страна на хип-хоп артисти од балканските земји, од кои три се поврзани со хип-хоп артисти од Србија, а по една автобиографска книга имаат публикувано артисти од Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина.