Александар Ковилоски. ЧУВАРИ НА УРБАНАТА КУЛТУРА: ХИП-ХОП МАКЕДОНИЈА

УДК: 316.723:78.067.26(497.7)

Автор: Александар Ковилоски

Наслов на текстот: ЧУВАРИ НА УРБАНАТА КУЛТУРА: ХИП-ХОП МАКЕДОНИЈА

Јазик на текстот: македонски

Јазик на резимето: англиски

Клучни зборови: поткултура, хип-хоп култура, уметнички изразни форми, рап музика, хип-хоп организација, постмодернизам, човекови права

Број на страни: 65-72


Хип-хоп културата се појави во 70-тите години на ХХ век како култура на социјално обесправените, заснована на уметнички форми и изрази. „Хип-хоп Македонија“ е организација посветена на зачувување на изворните вредности на хип-хоп културата. Како такви, нејзините членови развија мул­ти­дисциплинарни уметнички форми и широк спектар на други културни форми за „хип-хоп генерација“, за да можат да ги задржат основните вред­нос­ти на културата во овој период на трансформација на општеството од мо­дер­низам во постмодернизам.



Хана Арент тврди дека „во модерното општество луѓето се ис­тур­кани од заедничкиот јавен живот во осамено, изолирано постоење. Во нивната изолација, чувствуваат притисок кон униформност која ја пот­копува нивната автономија, и како резултат на тоа тие се пси­хо­лош­ки изложени на тоталитарните социјални сили на масовното општество“ (според Turner, 2006: 21). Постоењето на состојба на алиенација на индивидуата од општествениот свет не е нова, таа е основата во создавањето на Марксовата теорија за класна борба и на други теории претходно. Во културолошката рамка како прифатлива вредност која негува принципи различни од онаа на официјалната култура се јавува во периодот по Втората светска војна, а најголемиот замав го има во периодот по културната револуција во САД во 60-те години од XX век, и станува „призната“ во поширокиот општествен контекст. Појавата на поткултурите е процес кој се јавува како резултат на два меѓусебно спротивставени концепти – оној за државата како главен фактор во соз­да­вањето на униформните општествените односи, и оној за ли­бе­ра­ли­за­ци­јата на човековите права кој се однесува на слободата на из­ра­зу­ва­ње­то. Првиот концепт ја води индивидуата кон конформизам, додека дру­гиот се обидува да го отвори прашањето за интерперсоналните односи во социјалната сфера кои негативно влијаат на индивидуата. Пот­кул­ту­рата наречена хип-хоп се јави во Њујорк од алиенираните Афро­аме­риканци и Латиноамериканци, но и од припадниците на белата раса кои поради расната и економската сегрегација и исклученост од носењето одлуки во јавната сфера не се пронаоѓаа во вредностите кои ги носеше доминантната култура. Борбата против расизмот преку уметнички форми и „ширењето на зборот“ не преку масовни медиуми, туку преку алтернативни форми, го привлече вниманието на многубројните чле­нови од изгубената генерација кои пронајдоа алатка за борба, посебно со фактот дека таа алатка не е физичко, туку уметничко оружје кое може да ја реализира својата цел во свет на масовни медиуми.

„Хип-хоп Македонија“ е неформална организација оформена во 1999 година во Скопје, создадена од рап артисти кои подоцна станаа ак­тивисти со широк спектар на дејствување. Главни носители на неј­зи­ните активности се браќата Славчо и Александар Ковилоски – дол­го­го­дишни рап артисти и први македонски хип-хоп активисти. Создадена е да го промовира т.н. „вистински хип-хоп“, односно оној дел од кул­турата кој се однесува на истакнување на борбата за социјална прав­да, алтруистички вредности и еднаквост, сето тоа преку уметнички фор­ми на изразување. Се работи за една поткултура која повеќе од че­ти­ри­есет години се развива кај урбаната младина пред сè поради фактот дека носи нешто искрено и чисто во себе. Поткултура, бидејќи ѝ пркоси на офи­цијалната култура во одредени сегменти – убаво го демистифицира современото општество кое опседнато со кон­су­ме­риз­мот заборава на основните човечки вредности. Хип-хопот започна во гетото, па потоа го опфати и целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија каде се појави како рап музика и долго време опстојуваше како таква. Дури и членовите на Хип-хоп Македонија голем дел од својата активност ја имаат насочено кон рап музиката. Членови се на рап групите Клан Исток и Браќа по крв, кои кон крајот на 90-тите и на почетокот на новиот милениум поставија нови стандарди во создавањето на рап музика, вметнувајќи во него елементи на свесност проследени со т.н. „со­ци­јал­ни“ текстови. Но со зголемувањето на бројот на приврзаниците на оваа култура, се јави потреба за меѓусебна комуникација помеѓу хип-хо­пе­рите на еден поинаков начин и за подлабоко и стручно истражување на хип-хопот. Хип-хоп Македонија е првата организација која го започна овој процес во нашата држава, па и пошироко на Балканот. Вистинскиот „бум“ организацијата го направи со 2005 година со издавањето на книгата „Аспекти на македонската урбана култура – Хип-хоп Ма­ке­до­нија“.[1] Тиражот од продадени 1 000 примероци предизвика лавина реак­ции на македонската култура сцена, станувајќи едно од првите кул­турни дела кои беа истовремено прифатени и од хип-хоп генерацијата и од научните институции во државата. Сето тоа поттикна создавање на критична маса зрели хип-хопери, кои преку уметнички форми сакаа да направат нешто, да живеат со своите идеали и да го променат светот кон подобро. Книгата е составена од два дела – првиот е дипломска работа на Александар Ковилоски на Институтот по социологија на Фи­ло­зоф­скиот факултет во Скопје, на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а втората е теренско истражување на Славчо Ковилоски, кое се занимава со историјатот и со културните влијанија врз македонскиот хип-хоп. Недостатокот од литература од оваа област беше надополнет со уште две книги издадени од организацијата – „Хип-хоп книга“[2] и „Хип-хоп реч­ник“[3] кои се фокусираа на дообјаснување на одделни аспекти од хип-хоп културата.

Истовремено, од 2006 година започна организирање на хип-хоп де­бати, трибини и работилници низ цела држава, а членовите на ор­га­ни­зацијата ги поставија како основоположници на поинакво хип-хоп творештво кое не се сведува само на рап музиката. Делувањето во различни аспекти од хип-хоп културата, кои беа запоставени во нашата држава но беа од витално значење за развојот на домашниот хип-хоп, е една од основните цели на кои се фокусираа членовите на орга­ни­за­ци­јата. Влезот на хип-хопот и неговите идеи во образовните институции ја пополнија онаа празнина која се однесуваше на ставовите дека „хип-хопот е само музика“. Беа одржани преку педесет трибини и дебати во средни училишта, универзитети, културни центри, но неизбежно беше одржувањето на вакви настани и во кафулиња и на улица како улични перформанси, со цел да се одржи контактот со локациите од каде по­текнува културата и од каде таа го црпи кредибилитетот. На настаните присуствуваа од триесетина до стотина посетители желни да го кажат својот став. Многумина ја искористија можноста да истапат јавно пред други лица. На овие интерактивни трибини поминаа голем број луѓе, и на многу млади лица им помогна да го доизградат својот карактер. Важно е да се спомне дека хип-хопот за првпат беше промовиран и на највисоко академско ниво на конференцијата „Popular Culture: Reading From Below/ Популарна култура: поглед одоздола“, организирана од Институтот за македонска литература, а одржана во Македонската академија на науките и уметностите во 2014 година

Членовите на Хип-хоп Македонија беа поканети и во лулката на хип-хопот – Њујорк, каде преку настап, изложба на фотографии и три­би­на со дебата го презентираа македонскиот хип-хоп. Со текот на вре­ме­то се појавија социјалните мрежи, па преку нив младите имаа по­го­ле­ма можност да ги разменуваат своите ставови онлајн наместо во живо. Решивме да се адаптираме на ситуацијата и го создадовме www.hiphopmacedonia.com, вебсајтот кој е наменет за членовите на ан­дер­граунд хип-хопот. Вебсајтот беше осмислен со цел да се објавуваат научни колумни, но и лични размислувања и ставови, информации за хип-хоп настани (и други настани блиски на вредностите кои ги носи хип-хоп културата) во државата, за хип-хоп промоции, за нови рап песни и слично. Како посебен сегмент од вебсајтот беше постоењето на онлајн хип-хоп списание кое се викаше „4“, во контекст на четирите хип-хоп елементи. Темите во списанието беа слични со оние на вебсајтот, но во него објавивме и ексклузивни интервјуа со светски хип-хоп легенди како Kool G Rap, Delinquent Habits, R. A. The Rugged Man и други. Вебсајтот го достигна врвот со организирањето на Првите и Вторите македонски хип-хоп награди во 2009 и 2010 година, на кои учествуваа речиси сите квалитетни македонски хип-хоп имиња. Целта на наградите беа да се обедини македонскиот хип-хоп додека наградите беа во втор план. Со оглед на поделеноста на хип-хоп артистите на кланови меѓу кои постоеја недоразбирања и препирки, наградите беа еден од првите моменти на обединување на хип-хоперите и за­поч­ну­ва­ње на нивна соработка, процес што продолжи самостојно да функ­цио­нира до денес.

Во периодот од 2007 до 2010 година на Првиот канал на маке­донската национална телевизија, МТВ, екипата ја реализираше еми­си­јата „Хип-хоп магазин“. Емисијата се емитуваше еднаш месечно во вре­метраење од половина час. Освен промоцијата на македонски спотови, беа обработувани теми блиски со хип-хопот на кои дотогаш не им беше посветувано внимание. Се обработуваа прилози за гетото, за Црните пантери, Малком Екс и Нацијата на исламот, се поставуваа редовни рецензии на хип-хоп албуми, беа реализирани интервјуа со домашни хип-хоп артисти итн. Бидејќи голем дел од прилозите се однесуваа на тешки теми, кои по обичај не наоѓаа простор на телевизискиот етер и поради експлицитноста на содржината, емисијата веднаш беше за­бе­ле­жана од гледачите, а во неколку наврати беше избрана за емисија на месецот од страна на уредничкиот тим на МТВ.

Од 2013 до 2015 година членови на Хип-хоп Македонија работеа на Сложувалка, документарец кој не се занимаваше со историјата на мак­рапот, туку ги претстави значењето и смислата на хип-хоп кул­ту­ра­та. Сето тоа беше направено преку интервјуа со дел од најпознатите (вкупно триесет и пет) хип-хоп уметници кои сочинуваа една целина која ја нарекуваме хип-хоп. Документарниот филм го реализираа чле­но­ви­те на Хип-хоп Македонија: Александар Ковилоски, Небојша Ми­ло­сав­ље­виќ и Ѓоре Милевски. Документарецот беше презентиран на повеќе филм­ски фестивали во земјава (премиерно на Cinedays, а беше претставен и на „Браќа Манаки“ и други) и во странство, и е добитник на неколку награди, меѓу кои и наградата МАН за најдобар алтер­на­тивен документарен филм за 2015 година.

Во јуни 2018 година Хип-хоп Македонија со своите идеи за општествена одговорност организираше хип-хоп настан во затворот Идризово, на кој гостуваа повеќе хип-хоп артисти кои настапуваа пред сед­умдесетина осудени лица во строго обезбедуваниот дел на ус­та­но­вата. Целта на настанот беше поттикнување на осудените лица за учество во процесот на ресоцијализација. За првпат во последните пет­наесет години се организираше каков било културен настан во затворот. Интересот за присуство на настанот и атмосферата за време на неговото одржување укажаа на фактот дека хип-хоп културата е моќен фактор на влијание кај ранливите групи и дека е сѐ уште слабо искористен од др­жавните институции и невладините организации кои се борат против криминалот и насилството кај социјално загрозените семејства и населени места.

Во мај 2019 година на Институтот за македонски јазик и ли­те­ра­тура се одржа трибината „Хип-хоп култура (40-години уметнички перформанс)“. На трибината учествуваа истакнати хип-хоп дејци кои моментално се професори на македонските универзитети и други истакнати македонски универзитетски професори, кои дискутираа за повеќе современи аспекти на хип-хоп културата. Влезот на хип-хоп културата во академските води значеше и признавање на придонесот кој оваа култура го има дадено во науката, но пред сѐ на обичниот човек на кого му има понудено мноштво одговори за ситуациите во кој се наоѓа. Во јуни 2019 година беше организиран и првиот македонски хип-хоп слем фестивал: Хип-хоп Македонија Поетри слем, на кој учествуваа млади хип-хоп артисти со големо искуство на македонската хип-хоп сцена. Тие со свој перформанс ја рефлектираа визијата на ор­га­ни­за­ци­јата – да го презентира хип-хопот преку разновидни форми на умет­нич­ко изразување.

Поткултурата е од исклучително значење за науката, посебно за раз­војот на социолошките и културолошките теории, бидејќи го де­конструира концептот „општество“ и го разложува на најситни делови (Jenks, 2005:5). Во минатото концептот „уметност заради уметност“ беше основата за создавање уметнички дела. Тоа се има променето во модернизмот каде оваа доктрина е напуштена и започнуваат да се создаваат уметнички дела кои ги задоволуваат социјалните потреби на граѓаните (Stuart, 2011:183). Хип-хопот е одличен пример за тоа – преку него одредена популација се идентификува и ја истакнува својата различност. Хип-хоп Македонија во текот на своето постоење укажува на бесконечните можности да се практикува оваа култура, рап музиката е само еден сегмент од неа. Во глобални рамки, може да се забележи дека хип-хопот во последната деценија воопшто не наликува на пот­кул­тура и е сведен на тренд кај младите, дека вредностите за кои се бореше во минатото се обезличени и се ставени во контекст на разноликоста што ја пропагира постмодернизмот, таа повеќе се однесува на ес­тет­ски­те форми на културата, а помалку на социјалната нишка во неа. Преку грижата за понатамошниот развој на хип-хопот во нашата држава и пошироко, Хип-хоп Македонија ја презема одговорноста таа да биде пренесена на младата хип-хоп генерација на правилен начин. А следната генерација понатаму треба да преземе иницијатива за самоспознавањето воопшто, за критичкото размислување, за сопствениот интелектуален раз­вој и не за бегство, туку за учество во градењето на општествениот сис­тем. Го сакаме хип-хопот, го правиме од љубов, не за пари. Тоа е суш­тината на оваа култура и секој нејзин член не смее да дозволи тоа да се смени.

 

 

Литература:

 

кирилична:

Ковилоски, Александар и Ковилоски, Славчо (2005). Аспекти на македонската урбана култура – Хип-хоп Македонија. Скопје: Современост.

Ковилоски, Славчо и Ковилоски Александар (2007). Хип-хоп книга. Скопје: Просветно дело.

Ковилоски, Славчо; Ковилоски Александар и Ковилоска, Емилија. Хип-хоп речник. Скопје: Современост.

 

латинична:

Jenks, Chris (2005). Subculture: The Fragmentation of the Social. London: SAGE Publications.

Stuart, Sim (ed.) (2011). The Routledge companion to postmodernism (Third edition). London & New York: Routledge.

Turner, Bryan S. (ed.) (2006). The Cambridge Dictionary of Sociology. Cambridge: Cambridge University Press.

 

 

 Фусноти:


[1] Види: Ковилоски Александар, Ковилоски Славчо. (2005). Аспекти на македонската урбана култура – Хип Хоп Македонија. Скопје: Современост.

[2] Види: Ковилоски Славчо, Ковилоски Александар. (2007). Хип хоп книга. Скопје: Просветно дело.

[3] Види: Ковилоски Славчо, Ковилоски Александар, Ковилоска Емилија. (2008). Хип хоп речник. Скопје: Современост.