Славчо Ковилоски. МАКЕДОНСКИОТ ХИП-ХОП:  ХАРДКОР КОЛКУ ШТО МОЖЕ ДА БИДЕ

УДК: 784.011.26:316.334.52(497.711)


Автор: Славчо Ковилоски

Наслов на текстот: МАКЕДОНСКИОТ ХИП-ХОП: ХАРДКОР КОЛКУ ШТО МОЖЕ ДА БИДЕ

Јазик на текстот: македонски

Јазик на резимето: англиски

Клучни зборови: хардкор, македонски хип-хоп, македонски јазик

Број на страни: 49-55


Во текстот се осврнуваме на цврстината и тврдоста на изразот во македонскиот хип-хоп. Притоа, општиот заклучок е дека цврстината на звукот не означува само машкост, туку го означува и стилот на хип-хоперот. Об­ра­бо­те­ните теми што најчесто македонските хип-хоп артисти ги користат се многубројни: од силните притисоци од меѓународната заедница и внатре­пар­тис­ките недоразбирања, до меѓуетничките тензии, пропаѓањето на ТАТ и по­сле­диците од непрекинатата транзиција. Тие се основата врз која маке­дон­ски­от хип-хоп ги создава експлицитни, сурови и темни стихови: хардкор до мак­симум.



Долг пат до хардкорот

Веќе дваесетина години и повеќе се постојано се навраќаме на прашањето кон почетоците и развојот на македонскиот хип-хоп, но и кон впечатокот што исто така, постојано се провлекува: цврстината на македонските рап текстови. Главните прашања, со низа потпрашања се: што е тоа што ги тера македонските изведувачи да го опишуваат нив­ното секојдневие, ограничени ли се нивните гледишта на таков начин, колку социоекономската ситуација кај нас влијае врз нивните лирики, зошто своевремено се појави поделбата на „вистински“ наспроти „лаж­ни“ рапери, зошто денешните лирики се „помеки“ во однос на постарите итн. За барем делумно да дојдеме до некакви прифатливи одговори, најпрво мораме да се вратиме на почетокот на 90-те години на 20. век и излегувањето на Македонија од рамките на југословенската федерација.

Да се биде хардкор, да се покаже цврстина, да се опејат веш­ти­ни­те на изведувачот е дел од идентитетот на хип-хоп изведувачот. По­ка­жаната цврстина во стиховите можеби е вистиска, можеби е лажна, тоа го дозволува самиот музички жанр. Меѓутоа, овојпат не станува збор само за покажување сила преку стиховите, туку и одреден животен стил. Цврстината не означува само машкост, туку го означува и стилот на хип-хоперот. Често пати празните и клишеизирани стихови од типот: „седи, не ме знаеш“ или ќе ти направам ова или она ја покажуваат сти­хов­ната немоќ на интерпретаторот, но тоа не е важно, важно е што тој и не­говата екипа се цврсти момци, силна група што едноставно има над­моќ над останатите слични на нив.

Инспирацијата да се биде хардкор секако дека потекнува од аме­риканската сцена. Навлегувајќи на македонска територија, хип-хопот со себе ги донесе најекстремните примери на групи и песни, кои пак, поради експлозивните стихови силно влијаеа кај младата популација, ностил на тогашната рап сцена. Во меѓувреме, хардкор рапот и ганг­стерскиот рап, како и рапот исполнет со точно насочени политички пораки од средината на 80-те и почетокот на 90-те години го потврдија овој жанр како конфликтен и агресивен; тоа беше музика означена како предизвикувач на насилство. И тоа не е далеку од вистината, ако се сетиме на групи како N.W.A, Public Enemy или Onyx, на артисти на Ice-T и KRS-One, во кои отворено се навредуваше полицијата, а младите беа повикувани да му се спротивстават на општеството што ги угнетува поради бојата на кожата.

Се разбира, ние ги немаме американските или француските гета, но имаме еден долг и незавршен процес на транзиција којашто остави голем број семејства на прагот или во целосна сиромаштија. Онаа поранешнојугословенска средна класа набрзина се стопи пред новите општествени услови, па семејствата што дотогаш имаа сигурни месечни примања останаа без нив, а на сето тоа влијаеше и инфлацијата, па за­чу­ваните материјални средства набрзо се потрошија, беа обез­вреднети или едноставно проголтани од системот/банките.

 

„Уличен живот“

Во Скопје, како најголема урбана средина каде што хип-хопот за првпат фати свои корени, голем дел од хип-хоп артистите се повикуваа на „уличниот живот“. Опишувајќи ги и прогласусвајќи ги сопствените населени места за „гета“ (Аеродром, Ново Лисиче, Ѓорче Петров, Чаир) во голема мера беа копирани американските искуства. Неоправдано, но сепак беа земени како пример врз кој треба да се гради домашната сцена. Не дека немаше тешкотии, не дека немаше одредени животни услови што се поклопуваа со американските. Напротив, гетоизираноста на од­ре­дени населби, како Чаир или Шуто Оризари го дозволуваше тоа. Се­пак, описите што беа давани во стиховите, на почетокот ја отсликуваа единствено страшната слика во којашто се наоѓаше Македонија. Сите тие силни притисоци од меѓународната заедница, внатрепартиските не­до­разбирања, меѓуетничките тензии, пропаѓањето на ТАТ и пос­ле­ди­ци­те од непрекинатата транзиција беа иницијална каписла македонскиот хип-хоп да изобилува со експлицитни, сурови и темни стихови: хардкор до максимум.

Во еден труд за урбаноста, Ролан Барт запиша: „градот им говори на своите жители, ние му зборуваме на градот“ (Barthes, 1997: 160). Та­ка, и македонските рапери ги примаа звуците на градот, а нему му ги даваа своите. Освен општествено-политичката конотација што овие текс­тови ја имаа („Подобро ќе умрам, но на Грчка не ѝ лижам“, The E), до­бар дел од текстовите, како што споменавме, се однесуваа на „жи­во­тот на улица“. Иако, во практика тоа не беше реалноста, чувството дека улицата е животот, беше и остана појдовна точка за покажување на припадноста, односно идентификација за цврстина. Групи како The Most Wanted, Клан Исток, Str2 и уште еден голем број други покажаа де­ка, сепак, освен „цврсти“, треба да понудат и „јаки“, односно стихови кои знаат да привлечат и публика, која ќе ги прифати и уметничките ква­литети на нивните песни.

Малку подоцна, појавата на форумите одигра важна улога за дефинирање на побарувачката на слушателите. Макар што форумите не се главниот репер за тоа кој прави квалитетна, но и хард музика, преку нив можат да се забележат тенденциите за посакуван музички избор. Имено, појавата да се квалификуваат „вистински“, наспроти „лажни“, придонесе за повеќе полемики. Поради помекиот звук одредени рап и ар-ен-би изведувачи беа оквалификувани како недостојни и беа от­фр­ле­ни од андерграунд хип-хоп сцената. Една ваква фраза („Доста ми е мене од лажни рапери“, С.А.Ф.), долго време се повторуваше во песните, но и во секојдневната меѓусебна коминукација. Истовремено, дел од самите музички новинари во тоа време подлегнаа на ваквата реторика (Јованова-Грујовска, Кузмановска, 2016: 96-97). И бидејќи влегоа во истата шема на размислување, пишуваа како што беа повлијаени, па та­ка, Клан Исток во една прилика дури го добија епитетот „Чувари на вис­тинскиот хип-хоп“.

Денес, и по толку години, сѐ уште се прават листи на лажни ра­пе­ри, се препорачува да не се слушаат нивните песни или барем, да се игнорираат. Многу лесно е да се утврди овој факт, доволно е само да се пуштат видеа на YouTube и да се прочитаат некои од коментарите кај ПУКА Козмтика, Страјк итн. Меѓутоа, хип-хопот еволуира, колку и да не ни се допаѓа тоа. Кога Dr. Dre и Snoop Dogg велат дека новите звуци што се класифицираат како рап песни не ги слушаат, но секако ѝ припаѓаат на хип-хоп сцената, кои сме ние да им противречиме ним.

 

Јазикот како средство

Една од можните причини македонскиот хип-хоп да биде по­цврст за нечии уши е јазикот. За разлика од некои словенски јазици (српскиот, рускиот), каде што без разлика на силните стихови, уште на пр­вото слушање се чувствува категоријата мекост. Само колку за споредба, ќе го наведеме мекото л, што Србите го изговараат со јазикот на задниот дел на непцето, а Македонците со јазикот на забите, потоа српското ћ, кое е значително помеко во однос на македонскиот ек­ви­ва­лент ќ и сл. Развојот на македонскиот јазик во текот на вековите се одвивал на тој начин што се движел по линијата на зацврстување на односот по звучност и губење на односот по мекост, на тој начин губејќи се маките согласки, што не е случај со некои од останатите словенски ја­зици.

Како што кажавме, за звукот да добие на тврдост, голема улога имаат и карактеристичните особини на македонскиот јазик: фонетиката, морфологијата, синтаксата и фразеологијата. Притоа, како најзапазени особини, кои всушност се однесуваат на македонскиот изговор,  ќе ги издвоиме: тврдото л (леб, благо), членувањето (та, те, то – планината, планините), третосложниот акцент (планѝната, градѝната), едначење по звучност (преминување на б во п, на д во т, на в во ф; удвојување: оттука, поттикне) и др. Горенаведените примери се само дел од мож­нос­ти­те што ги нуди македонскиот јазик при рапувањето.

Често пати, ова членување: та-та-та, те-те-те и то-то-то при­до­не­су­ва долгите реченици да се поделат на слогови и да можат да се изведат сложени реченици изрецитирани во еден здив, на тој начин покажувајќи ги вештините на изведувачот (Тонио Сан). Како што може да се види, наведенава тема во однос на јазикот заслужува повеќе внимание и заслужува да биде обработена на посебно место. За потребите на оваа студија ние ги потенциравме само оние делови што придонесуваат зву­кот на македонскиот хип-хоп да биде означен како тврд, бидејќи „секое уметничко дело претставува сложен однос на различни фак­тори“. Притоа, за јазикот на македонскиот хип-хоп е т.н. „практичен јазик (кој се потпира на надворешнојазични елементи)“ (Минова-Ѓуркова, 1998: 42), во кој продираат елементи од англискиот, српскиот и други јазици, жаргонски изрази и сленг („чекераукц“, ПУКА Козметика“).

 

Да се биде хард и да се биде „вистински“

Да се биде хард и да се биде „вистински“ може да има многу значења. Тоа може да се однесува на облеката (најчесто пуристите, односно барателите за зачувување на постарите изразни форми на хип-хо­пот велат дека широките фармерки, дуксерите и капчињата се пре­поз­нат­ливиот знак на оваа култура и она што хип-хоперите ги прави во нај­мала рака „вистински“), на музичкиот избор (дали ги слушаш Легијата, Темната страна или Браќа по крв, наспроти ДНК, Угро или Врчак), на подготвеноста да се влезе во конфронтација со секој што макар и најмалку навлегол во личниот простор, на местото на живеење и сл.

Да се биде харкор во македонскиот хип-хоп значи, меѓу другото, да се чувствува градот и за него да се пишуваат стихови; да се чувствува хип-хопот како дел од секојдневниот живот и да се рапува колку неговите стихови се најдобри; да се потценува незнаењето на другиот, а да се инсистира на сопствениот „инетелкт“. Не случајни се бројните сти­хови на македонските артисти коишто ја потенцираат интелектуалната страна на нивната личност: тоа значи дека не е доволно само да водиш уличен живот и да имаш добра група зад себе, ти мора да покажеш и дека си доволно паметен за со своите лирики да можеш да го надвладееш оној другиот, познат или непознат.

Во многу области од секојдневниот живот термин хардкор оз­на­чу­ва крајност (хардкор панк, хардкор порнографија, хардкор гејмер). Хард­корот во хип-хопот означува доследност во играта, решителност и при­врзаност на културата. Токму затоа, навлегувањето на поп еле­мен­ти­те, комерцијализацијата и самото флертување на хип-хопот со мејн­стри­мот многумина од постарата генерација го дочекаа со разо­ча­ру­вање. Да се биде хард во нивните очи значеше да се присуствува на настаните во скопските Лидо, Копакабана, каде што своевремено се со­би­раше една мала и одбрана група. Оваа релативно мала група се пре­поз­наваше меѓусебе, па секој што евентуално доаѓаше од страна, а не беше „докажан“ рапер на почетокот се гледаше од дистанца. Потврдата дека навистина слуша добар хип-хоп следуваше потоа по разговорите и менувањето на касети од Wu Tang Clan, Das EFX и Fat Joe. Притоа, не­из­бежни беа поголеми или помали закачи коишто завршуваа со вер­бал­ни или физички пресметки помеѓу одредени групи, но никогаш со упот­реба на огнено оружје. Сепак Њујорк и Лос Анџелес беа и се предалеку од Скопје, Штип, Битола и воопшто од Македонија.

 

 

Литература:

 

Barthes, Roland. (1997). „Semiology and the Urban“. Rethinking Archi­tec­ture: A Readerin Cultural Theory. Neil Leach (ed.). London and New York: Rout­lidge, 158-172.

Јованова-Грујовска, Елена; Кузмановска, Елизабета. (2015). „Ја­зич­ни­от израз на новинарите во електронските медиуми“.  Јазичната слика на све­тот (зборник на трудови). Скопје: Институт за македoнски јазик „Крсте Ми­сир­ков“, 96-99.

Ковилоски, Славчо; Ковилоски, Александар. (2005). Аспекти на маке­донската урбана култура: Хип-Хоп Македонија. Скопје: Современост.

Минова-Ѓуркова, Лилјана. (1998). „Некои особености на функ­цио­нал­ни­те стилови“. Македонски јазик, година XLV-XLVII, 1994-1996. Скопје: Инс­ти­тут за македонски јазик „Крсте Мисирков“, 39-49.