ПРЕДГОВОР 4
Четвртиот број на БХХС, освен што е посветен на главната тема хип-хопот, се осврнува и се проширува со анализи на алтернативниот рок. Всушност, урбаната култура којa се наоѓа во поднасловот на БХХС ни овозможува вклучување на широк спектар за анализи на популарната музика како дел од поновата музичка историја, која е отворена за интердисциплинарни студии.
Преку текстовите за хип-хопот имаме можност да ја (ре)откриеме историјата на хип-хопот од почетоците, па сѐ до денес. Со интердисциплинарен пристап, хип-хопот како поткултура, се анализира од историски и социо-политички аспект (Александар Ковилоски). Историјата на хип-хопот е надградена со паралелна анализа на корените на хип-хопот во САД и регионалниот хип-хоп преку темите за графити, брејкденс и бекпекинг (Драган Ѓорѓевиќ). Дадена е и анализа на филмот „Осмата милја“, а хип-хопот веќе е вклучен и во анализа на новите актуелни правци во информатичката технологија поврзани со вештачката интелигенција (Стефан Марковски). На локално ниво, имаме текст кој е посветен на македонската независна хип-хоп издавачка куќа „Арена рекордс“ (Дејан Методијески) и на првите предавања за македонската хип-хоп култура на академско ниво (Славчо Ковилоски).
Во овој број се вклучени резултати од повеќегодишни научни анализи за алтернативниот рок на територијата на Балканот (Гергана Рајжекова, Јулијана Папазова). Бугарскиот алтернативен рок е претставен преку релацијата на клубовите, публиката и менаџерите, а југословенскиот алтернативен рок е претставен преку темата на значењето на терминот „алтернативно“ и музичките сцени. На самиот крај, имаме осврт за „Хип-Хоп Фест 2023“ во Свети Николе (Александар Петровски).
Редакцијата