ПРЕДГОВОР
ПРЕДГОВОР
Првиот број на меѓународното научно списание Балкански хип-хоп студии (БХХС) излегува како производ на повеќегодишната работа и заложби за промоција на хип-хопот и урбаната култура на основачите на списанието. Со оглед на тоа што хип-хопот како култура веќе подолго време се изучува на голем број високообразовни институции, а постојат и голем број изданија посветени на него, ја почувстувувавме потребата за издавање научно списание коешто ќе се однесува на хип-хопот и урбаната култура на Балканот. Во списанието ќе се објавуваат прилози коишто можат да се однесуваат на музиката, културолошките студии, лингвистиката, литературата, уметноста, танцот, историјата, социолингвистиката, социологијата, филозофијата, перформативните уметности, педагогијата итн. Вклучувањето на сите овие научни полиња е со цел хип-хопот, слемот, афроамериканската и урбаната култура да бидат претставени од различни аспекти и гледишта.
Првиот број излегува во годината кога низ целиот свет се одбележува педесетгодишниот роденден на хип-хопот. И тоа е еден убав повод за создаањето на вакво списание.
Како прво вакво македонско и балканско издание, искрено се надевам дека ќе успееме во нашите намери да обединиме еден поширок круг балкански интелектуалци со една зададена мисија, промоција на урбаните вредности. За таа цел беше формиран меѓународен уредувачки одбор во кој учество зедоа професорите Грегор Помпе, Мојца Кревел, Венцислав Димов, Сребренка Мачковиќ, Јелена Арсенијевиќ Митриќ, Татјана Вукелиќ и Звонко Танески од универзитетите во Љубљана, Софија, Сараево, Крагуевац, Риека и Братислава, како и професорите Антоанела Петковска и Ристо Солунчев од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На сите нив им искажувамe голема благодарност.
Редакцијата, пак, одговорна за содржината и изгледот на списанието ентузијастички одговори на сите предизвици со коишто се соочивме во текот на самата постапка на регистрирање, креирање и издавање на ова издание. Упатувам благодарност до нив: Јулијана Папазова, музиколог, коавторка на „Историјата на македонската популарна музика“; Елена Пренџова, поетеса, учесничка и со-организаторка на македонскиот „Поетри слем“ и Александар Ковилоски, хип-хоп активист, член на групите Клан Исток и Браќа по крв, еден од основачите на организацијата Хип-Хоп Македонија. Исто така, упатувам благодарност до сите оние што на било каков начин биле вклучени во работата на БХХС.
Со оглед на тоа дека еден голем сон на авторот на овие редови е исполнет, следно што можам да посакам е списанието да го прошири составот на меѓународниот уредувачки одбор, вклучување на што поголем број автори и конечно, организирање на годишни балкански хип-хоп средби на кои авторите би можеле да ги презентираат своите видувања во однос на хип-хопот.
На крајот, на големо задоволство на Редакцијата, можеме да Ви ги презентираме Балканските хип-хоп студии.
проф. д-р Славчо Ковилоски,
главен и одговорен уредник на Балканските хип хип студии (БХХС)