Вангел Ноневски. ДЕРИДА, СЕМПЛОТ И СЛОБОДНАТА ИГРА ВО ДИСКУРСОТ НА РЕМИКС КУЛТУРАТА

УДК: 7.037.4:141.7 

Автор: Вангел Ноневски

Наслов на текстот: ДЕРИДА, СЕМПЛОТ И СЛОБОДНАТА ИГРА ВО ДИСКУРСОТ НА РЕМИКС КУЛТУРАТА

Јазик на текстот: македонски

Јазик на резимето: англиски

Клучни зборови: Дерида, ремикс култура, хип-хоп, семпл, семантика, Дада, деконструкција.

Број на страни: 37-49


Да се создаде нешто ново од „постојното“ е парадигмата на де­неш­ната ремикс култура. Поминаа неколку децении откако глобалната култура ја загуби вербата во потрагата по „новото“, без разлика дали се бараше во умет­носта, забавната индустрија или музиката. Воопшто не треба да тагуваме поради загубата на таа вера. Верата во новото е верба во суверениот автор-бог и во концептот на целосно и завршено уметничко дело. Суверениот автор, кој во предмодерното време беше идентификуван како именител на неспорното семантичко значење на уметничкото дело, е изгубен во процесот на ремик­сирање. Штом едно дело/текст ќе стане подложно на репродукција, тој се соголува од позицијата на неговиот автор како единствен детерминирачки фактор на неговата семантичка резонанца. Диџеј кој микса и манипулира со песна го заменува авторот како дополнителен семантички атрибут-фактор, а односот се демократизира и либерализира уште повеќе кога ќе дознаеме дека диџејот меша музика според реакциите на посетителите на забавата. Во оваа равенка, публиката всушност станува главен прокреативен фактор. Оваа инхерентна интерактивност на ремикс културата уште повеќе се интен­зи­вираше во последните 20-на години со појавата на новите технологии и ин­тернетот, кои му овозможуваат на секој мрежен корисник (со пристоен компјутер) да влезе во потенцијално бескрајниот циклус на ремикс на секое уметничко/културно дело претставено со новите медиуми.