Валерија Дамчевска. СЛЕМОТ ВО МАКЕДОНИЈА: МИКРОКОСМОС НА КУЛТУРНО ДВИЖЕЊЕ

УДК: 821.163.3-1:316.7(497.7)(091)(049.3)  

Авторка: Валерија Дамчевска

Наслов на текстот: СЛЕМОТ ВО МАКЕДОНИЈА: МИКРОКОСМОС НА КУЛТУРНО ДВИЖЕЊЕ

Јазик на текстот: македонски

Број на страни: 96-97

Осврт кон тринаесеттото издание на Националниот слем натпревар одржан во Прилеп.


Слем поезијата е уникатен, уметнички „канал“ на изразување ка­де што се спојуваат креативното пишување, изведбата на сцена, учест­вото на публиката и натпреварувањто. Слемот како форма на поезија ги надминува границите на традиционалното и претставува епицентар на еден културен феномен.     

Во Македонија слемот започнува во 2010 година, со работилница за слем во Тетово, а 4 години подоцна, во 2014 година, еволуира во кул­турно движење на слем-тимот под името Poetry Slam Macedonia кој ор­га­низираше натпревари секој месец низ градовите во државата.

Со развивањето на слем поезијата на македонската сцена, веќе 13 го­дини во Прилеп се одржува Национален слем натпревар на кој му прет­ходи јавен повик на кој учесничките и учесниците се пријавуваат со две (или три) авторски песни (зависно дали се предвидени два полу­фи­нални круга и финале, или еден полуфинален круг, па финале) кои тра­диционално се објавуваат во зборник, а пријавените учеснички и учес­ници се претставуваат пред публиката со делата со кои претходно се пријавиле и кои се објавени во зборникот. Настанот вообичаено за­поч­­нува од попладневните часови и продолжува до другиот ден. Се проткајуваат најразлични содржини кои содржат наративи за иден­ти­те­тот, општествената борба, љубовта во најразлични форми, духовно ос­вес­тување, борба за човечките права и др. Карактеристично за слем нат­пре­варите е тоа што жирито е секогаш различно – се избираат доб­ро­вол­ци од публиката непосредно пред почетокот на натпреварот.

Овогодишниот натпревар содржеше 2 круга, каде во првиот круг нас­тапуваа сите учеснички и учесници, а во вториот круг се нат­пре­ва­ру­ваа тројцата со најголем број поени од претходниот круг. Настанот за­почна во 18 часот со свечено отворање и промоција на филмот „Ние“ на Горазд Китановски–Кени, а продолжи со слем низ центарот на При­леп каде со мегафон настапуваа учесничките и учесниците во ре­ви­јал­ни­от дел. Спектаклот продолжи во таверната „Клуб 1990“ со промоција збир­ките поезија „Празен град“ од Снежана Стојчевска и „Огнен Пој“ од Перо Сарџоски, каде слемер(к)ите имаа можност да прочитаат по не­кол­ку песни од промовираните книги. Киното „Мис Стон“ беше ло­ка­цијата на натпреварувачкиот дел од слем настанот, каде беше изложена и кодираната поезија на Елена Пренџова, една од основоположничките на слемот во Македонија, во соработка со програмерот Владимир Пет­ро­виќ од Белград, Србија. Во една пријатна атмосфера, по избирањето на жирито од публиката, учесничките и учесниците во нат­пре­ва­ру­вач­ки­от дел започнаа со слем патување преку перформанси со различни сти­лови и приказни со кои оставаа фрагменти од себеси на сцената.

Слемот во Прилеп е посебно национално обележје бидејќи е мно­гу повеќе од само изведба и натпревар. Тоа е една прослава на бо­жест­ве­ната моќ на кажаниот збор, храброста и нежноста на поетесите и пое­ти­те, како и светилник на уметничкото изразување во Македонија. Го­ди­нава уште еднаш се докажа дека слем настанот во Прилеп е едно из­вон­редно искуство на кое различните гласови имаат моќ да го разбудат ста­тус кво-то. Разновидноста на гласовите и искуствата кои беа из­ве­де­ни на сцената во „Мис Стон“ по 13. пат ја нагласија важноста на слем пое­зијата како платформа за поврзување на луѓето, предизвикување нас­мевки и нагласување на потребата од промени во општеството.

Влијанието на ваквиот настан достигнува многу подалеку од до­ме­нот на поетската сцена, проникнувајќи длабоко во јадрото на опш­теството, отсликувајќи го времето во кое егзистираме и поттикнувајќи културна и општествена трансформација. Динамичната еволуција и развој на слем настаните во Македонија резултираа со истражување на нови форми на изведување, експериментирање со говорениот збор и кр­ше­ње на сите бариери во поезијата како уметност. Со настаните низ го­ди­ните, слемот во Македонија стана микрокосмос на културно движење кое има моќ да инспирира, предизвика, промени, поврзи и охрабри.