Александар Ковилоски. ОСНОВИ НА ХИП-ХОПОТ КАКО ПОТКУЛТУРА
ISSN 2955-2206 (за веб верзијата) (online version)
УДК: 316.75:[316.723:78.067.26(091)
Александар Ковилоски
ОСНОВИ НА ХИП-ХОПОТ КАКО ПОТКУЛТУРА
Апстракт: Дефинирањето на хип-хопот како културен правец а не како обичен музички жанр е редовна тема во текстовите на социолозите и културолозите кои го истражуваат овој феномен. Од една страна стојат издавачките куќи, масмедиумите и создавањето на јавното мислење за хип-хоп културата од одредени центри на моќ. Од друга страна се пораките кои ги носи хип-хопот, граѓанските права за кои се бори и мрежата од социјални и морални вредности кои ги чува, нормите до кои се придржуваат неговите членови, симболите, функциите и идентитетот кој хип-хопот го нуди на своите приврзаници. Испреплетувањето на комерцијалното/економското функционирање на хип-хопот и неговата идеологија се „вечна тема“ во научните кругови и академските дисциплини кои се занимаваат со оваа поткултура.
Клучни зборови: хип-хоп, поткултура, граѓански права, корпорации, музички жанр.